Македонија коспонзор за резолуцијата за геноцидот во Сребреница, ама новата Влада нема да го одбележи Меѓународниот ден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска (11 јули) се одбележува Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница.

Македонија ја коспонзорираше сегавеќе усвоената Резолуција на ОН насловена “Меѓународен ден за рефлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995“ со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.

Македонија беше една од 84 земји кои гласаа „За“ оваа резолуција, но новата Влада нема да го одбележи овој ден.

Портпаролот на Владата за ТВ21 вели дека според програмата за работа и согласно буџетот за работа на Министерството за политички систем, од кое сега е настанато Министерството за односи меѓу заедниците, нема никаква планирана програма ниту е планиран буџет за активности за одбележување на Меѓународниот ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница.

Како што велат, според тоа што е наследено од Министерството за политички систем, нема никаква сериозно образложена програма за работа за 2024 година.

„Согласно буџетот предвидени се само средства за финансирање на обележувањето на 13 – ти Август, денот на потпишувањето на Рамковниот договор, во висина од 6.000.000 денари и обележување на Денот на албанската азбука 28 Ноември, за што се предвидени средства во висина од 3.800.000 денари во буџетот на Министерството. И тоа се единствените активности на Министерството со што станува повеќе од очигледно изоставувањето на другите заедници, не само од програмата на Министерството, туку и воопшто од третман на Министерството кон нив и нивните потреби“, вели портпаролот на Владата за ТВ21.

Од таму се вели дека за националните заедници наброени во Преамбулата на Уставот, за нивните национални денови и други важни датуми, ниту оваа ниту претходните години не биле и не се предвидени никакви средства и нема никаква програма за одбележување на соодветен начин.

Инаку, се смета дека Сребреница е најголемата катастрофа во Европа по Втората светска војна.

Околу 8 илјади мажи муслимани главно Босанци се масакрирани за 11 дена во геноцидот во Сребреница.

Нивните тела потоа биле фрлaни во масовни гробници. Тие биле следени од планината и околу Сребреница од страна на српските трупи.

Специјалниот суд за воени злосторства на ОН во Хаг и судовите од земјите на Екс Југославија осудија околу 50 Срби од Босна, меѓу кои и нивниот цивилно- воен водач, Радован Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ со над 700 години затвор за “Злосторствата во Сребреница“.