Македонската фудбалска репрезентација вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, одигра без голови против селекцијата на Летонија во пријателски меч, кој треба да биде „загревање“ за она кое следува во вторник и клучниот дуел во квалификациите против Велс во Кардиф.
Избраниците на Благоја Милевски и покрај неколкуте шанси, сепак не успеаја да го најдат патот до мрежата на Летонците, кои во своите редови го имаа расположениот голман Матревич.
Првата шанса на мечот ја имаше Ристовски кога шутираше прецизно, меѓутоа Матревич одбрани. Потоа следуваше закана од Летонија од Гутковскис кој се обиде со глава, но само над голот. Истиот играч имаше одлична прилика кога со волеј ја зафати топката, Димитриевски интервенираше одлично.
Тихомир Костадинов имаше супер прилика кога со глава се обиде, но Матревич му одбрани, а потоа голманот на Летонија го одбрани и обидот на Барди. Од изведениот корнер се обиде и Серафимов, но одново чуварот на мрежата на гостите беше феноменален.
Во вториот дел само две прилки, по една на двете страни. Растодер се најде во шанса да го постигне деби голот за репрезентацијата, меѓутоа одново Матревич одбрани, а на другата страна Икануиекс ја погоди пречката од нашиот гол.
