Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот го игра натпреварот од петото коло во Лигата на Нации против Летонија. Македонија со победа и дефинитивно го обезбедува првото место во групата, но одговора и нерешено, со оглед дека Македонија ги совлада Летонците во Рига со убедливи 0-3. За да не биде прва, треба да се случи чудо.
Против Летонија вечерва македонските фудбалери одат на четвртата победа во Лигата на Нации. Досега имаат три победи и едно „реми“. На последните три меча мрежата беше „чиста“.
Селекторот Благоја Милевски, очекува од фудбалерите одново да го дадат максимумот, и да донесат радост на домашните навивачи.
„Без оглед на товарот кој го носат во клубовите, овие фудбалери кои се тука секогаш го даваат максимумот во репрезентацијата. Да кажам дека се во свој филм кога играат за Македонија. Така очекувам да биде и вечерва. Нашата цел е првото место во групата, а сето она кое плус ќе дојде, е добродојдено“, рече селекторот Милевски на вчерашната прес-конференција пред мечот.
Столе Димитриевски посакува чиста мрежа, но пред се посакува победа.
„Секако дека мојата цел е да ја сочувам мрежата, но пред се сакам да победиме“, рече Димитриевски.
Во недела, пак, Македонија ќе го заврши циклусот во Лигата на Нации со домашен натпревар против Фарски Острови.
