Македонија продолжува победнички, ја совлада и Естонија (ВИДЕО)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Само три дена по најголемата победа во историјата на фудбалот, Македонија денеска во претпоследното коло од Лигата на Нации ја совлада и селекцијата на Естонија со 2:1 во Скопје на Националната Арена „Тодор Проески“.

Македонија можеби не одигра онака како што се очекуваше, меѓутоа искористи две од многуте шанси, а Естонија, пак, неколку пати се закани, а постигна само еден гол.

После две шанси на Естонија, Македонија поведе во 29. минута. После една акција, Иван Тричковски од 5-6 метри успеа да го најде патот до мрежата, и да донесе предност за нашата селекција. Имаше Тричковски уште една шанса до крајот на полувремето, но не реализираше.

Во вториот дел, во 52. минута 1:1. Сапинен од левата страна со одличен удар го совлада Шишковски за резултатска „симетрија“.

Следуваа шанси за Македонија преку Ристовски, Стојановски, Николов, но немаше реализација, за во 68. минута по центаршут на Елмас, Стојановски да го совлада Хејн и да донесе ново водство на Македонија.

Нашата селекција имаше уште неколку шанси за поубедлива победа, а Естонија една прилика за израмнување во судиското надополнување, но остана резултатот 2:1.