Во 2030 ние ќе бидеме првата земја која ќе стане членка на Европската унија, рече во својата оптимистичка најава премиерот Ковачевски. Тој е убеден дека изјавата на Макрон дека ЕУ треба да се занимава со сопствените проблеми, а не со прием на нови членки, не е воопшто спротивна од онаа на Мишел за проширувањето на Унијата до 2030 година. Макрон зборуваше за брзини во однос на тоа дека сите нема да влезат наеднаш во ЕУ, рече Ковачевски.
„Јас ја предводам европската коалиција која што вели дека до 2030 година Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која што ќе стане земја членка на Европската унија. Што се однесува до изјавата на претседателот Макрон, таа не се разликува од оваа изјава ниту пак од неговата претходна изјава кој што вели дека во Европската унија се пристапува според реформите кои што се направени.“, рече Ковачевски.
Попусти се обидите на Ковачевски да ја замајува јавноста, претседателот на Франција Макрон јасно порача дека се потребни реформи а не празни флоскули, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата на ДУИ и СДС е делегитимирана и го изгуби својот кредибилитет. Добија студен туш и од претседателот на Франција Макрон и од Европската унија, кои им порачаа дека неопходни се реформи а на празни флоскули. Оваа власт потроши 7 години и ништо не направи на полето на реформите.“, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
За задачата која треба да ја исполниме, усвојувањето на уставните измени засега нема најава на повторна средба меѓу Ковачевски и Мицкоски. Разговорите ќе продолжат на сите нивоа за да се постигне напредокот на европскиот пат рече Ковачевски.
„Лидерска средба доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите може да има во секое време. Сметам дека Северна Македонија како земја членка на НАТО ги застапува вредностите и треба да го валоризира тоа со членство во Европската унија пред се заради своите граѓани. И затоа разговорите ќе продолжат на сите нивоа со цел да се обезбеди поддршка на овој исклучително значаен процес.“, рече Ковачевски.
Инаку, вчера Владата го започна кампањата „Ние сме Европа“ за како што објаснија, поблиску да се претстави значењето на членството на нашата земја во Европската унија.
