Македонија стои на располагање за помош – Заев: Спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев денеска, по новинарско прашање од ТВ21 околу тоа дали бегалци од Авганистан ќе бидат сместени во Северна Македонија и дали има некое барање од државните сојузници, истакна дека тие како Влада ја информирале САД дека стојат на располагање да помогнат.

„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан.

Подготвени сме да обезбедиме сместување во хотели и одморалишта за што оперативата и трошоците за време на нивниот престој, до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.

Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи“, посочи Заев.

Тој додава дека заеднички со САД ќе бидат испланирани идните чекори за натамошното постапување.

Во Авганистан во овој момент имаме и стотина македонски граѓани со кои е воспоставена комуникација, тие се чувствуваат безбедно, а компаниите за кои работат имаат обезбедено планови за евакуација.

Исто така, пријателски земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија.