Македонија во пламен, Заев и министрите на плажа – од Владата велат дека координациите ги прават преку телефон и интернет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трет ден кризна состојба во земјава. Северна Македонија се соочува со бројни пожари. На многу места жариштата сѐ уште се активни, додека премиерот Зоран Заев и дел од неговиот кабинет заминаа на одмор. На социјалните мрежи кружи оваа фотографија, каде на левата страна може да се види премиерот Заев, а на десната пак, министерот за правда Маричиќ. Од Владата потврдуваат дека дел од членовите на кабинетот се на одмор. Велат дека деновите од годишниот одмор почнале да ги користат од 3-ти, а на работа се враќаат на 12-ти август.
Пожарите ги координираат преку телефон или онлајн.

-Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки. Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација-велат од Владата.

За отсуството на премиерот, преку соопштение реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека додека Заев и неговите министри се на плажа, народот се справува со пожари. Во текот на денов, со реакција излезе и потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски.

Од Владата информираат дека деновиве додека Заев и дел од владиниот кабинет се на одмор, задолжени за координацијата ќе бидат: првиот вицепремиер Артан Груби, заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски, Бочварски, за земјоделство Хоџа, првиот човек на Министерството за информатичко општество и администрација, Шакири, министерката за образование Царовска. Инаку, на одмор не заминаа ниту дел од замениците-министри, вклучувајќи го и заменикот во МВР.