Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, во изминатите два дена оствари средби со највисоките претставници на Европската Комисија и на Европскиот парламент, како и средби со неколкумина министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
– Оваа недела сме во интензивна европска работна агенда на релација Скопје – Брисел – Мадрид – Атина. Денес ви се обраќам од Мисијата на Северна Македонија, тука од срцето на Европската Унија, од Брисел. Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во која било друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори, изјави за медиумите премиерот Заев сумирајќи ги резултатите од средбите на нашата владина делегацијата.Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници, како што истакна премиерот Заев, ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме.-Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина, нагласи Заев во изјавата.
Ние, како што посочи премиерот, имаме и гордост и сопствен идентитет. – Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту која било друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка, додаде тој.
Премиерот Заев нагласи дека заедно сме со нашите европски пријатели. – Дишеме, живееме и растеме заедно со европските идеи и вредности. И знаеме дека мораме да се движиме заедно и напред, само така е европски. Ние сме за мобилност, а не за ѕидови!, додаде Заев.
Притоа нагласи дека на овој заеднички пат, секој треба да си ги заврши своите обврски – Северна Македонија многу сработи, испорачавме реформи, испорачавме и правда – време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас.
-Почитувани граѓани, народе мој, Европската агенда продолжува, од Брисел кај нашите пријатели во Мадрид Шпанија, а после тоа и на економскиот форум Делфи во Атина, Грција. Европскиот пат е пат на соработка и меѓусебно разбирање“, рече во изјавата за медиумите премиерот Заев.
