Макрон: Ситуацијата на Гвадалупа е многу експлозивна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ситуацијата е „многу експлозивна“ на Гвадалупа, оцени францускиот претседател Емануел Макрон во врска со насилството што избувна во прекуокеанскиот департман викендов поради здравствените мерки, јави дописникот на МИА од Париз.

„Ова се настани поврзани со многу локален контекст, со тензии што ги знаеме и кои се историски, а исто така и со одредени интереси кои малку се обидуваат да го искористат овој контекст и анксиозност“, рече Макрон.

За справување со насилството, Макрон се изјасни за едноставен метод: „Објаснување, објаснување, објаснување. Убедување, убедување, убедување“. Тоа се однесува на вакцинацијата против Ковид-19, со оглед дека штрајкот започна пред седум дена во знак на противење на суспендирањето на работните договори кои им се најавуваат на пожарникарите и невакцинираниот медицински персонал.

– Не си играме со здравјето. И не можеме да го користиме здравјето на Французинките за да водиме политички битки, рече Макрон. 

Вечерва, премиерот Жан Кастекс, министерот за прекуокеански територии, Себастиен Лекорну и министерот за здравство, Оливие Веран, треба да ги примат избраните претставници од Гвадалупа за да разговараат за ситуацијата.