Макрон: Средбата со Трамп, Зеленски и Стармер за Украина беше позитивна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер имаа „позитивна“ размена на мислења за Украина на маргините на последното збогување на папата Франциск, објави Елисејската палата.

„Потврдувам дека претседателот имаше позитивна размена на мислења со Трамп, Зеленски и Стармер“, изјави советник на Елисејската палата.

Иако од придружбата на украинскиот претседател беше објавено дека Трамп и Зеленски би можеле повторно да се сретнат по збогувањето на папата Франциск, агенциите јавуваат дека Трамп го напуштил Рим.

Претходно, украинската и американската страна објавија дека Зеленски и Трамп се сретнале, седејќи на две столчиња во базиликата „Свети Петар“, без нивните советници околу нив, а Белата куќа објави дека разговорот бил „многу продуктивен“.

Средбата се случи во критичен момент за преговорите за прекин на конфликтот меѓу Украина и Русија.

Трамп, кој врши притисок врз двете страни да се согласат на прекин на огнот, во петокот изјави дека разговорите меѓу неговиот претставник и руското раководство биле продуктивни и повика на состанок на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на договорот.

Трамп претходно ги предупреди двете страни дека неговата администрација ќе се откаже од своите напори за постигнување мир доколку завојуваните земји не се согласат на договор наскоро. Средбата во Рим е првата средба лице в лице меѓу Трамп и Зеленски по нивната расправија во Овалната соба во февруари.