Адвокатот Драган Малиновски смета дека обвинението за кривичното дело во овој предмет е поставено на многу нестабилни правни основи, особено во делот на умислата.
Според него, квалификацијата дека обвинетите делувале со умисла е речиси недржлива и тешко докажлива.
„Знаете, во принцип ова кривично дело е дискутабилно од аспект на умислата. Обично се води како дело сторено од небрежност. Како што јас го гледам случајот, умислата би била исклучок,“ објаснува Малиновски во Топ Тема на Телма.
Тој додава дека тврдењето дека сите обвинети, во целиот временски интервал, дејствувале со умисла – па дури и со евентуална умисла – е правно проблематично.
„Да кажете дека постоела умисла во овој долг период… дури и евентуална… тоа не држи. Тешко ќе се докаже од оваа дистанца,“ вели тој.
Според Малиновски, ваквото квалификување на делото може да доведе до исклучително високи казни, што дополнително го отвора прашањето за правичноста и правната одржливост на обвинението. „Страшно е ако за вакво дело, со ваква последица, умислата може да предизвика казна што оди над дозволениот максимум од 20 години“, додава адвокатот.
Адвокатската анализа уште еднаш го отвора прашањето дали обвинението е поставено согласно реалните докази или, пак, обидува да ја прошири одговорноста надвор од она што правото реално го дозволува.
