Преку ова место ќе се гради автопатот Кичево-Букојчани кон Гостивар, кој пак се поврзува со Коридорот 8.
Според проектот, автопатот ќе поминува преку селото Мало Драгомиште, поради што селото ќе биде поделено на два дела.
Освен што ќе поминува близу куќите, мостот кој се очекува да биде изграден ќе поминува низ гробиштата и над дворовите на некои жители.
Во населбата каде ќе поминува автопатот се изградени нови куќи, во кои главно живеат печалбарите.
Дел од нив се против, бидејќи како што велат, автопатот ќе стане пречка за локалните мештани.
„Ние сме против проектот – автопатот да поминува низ селото бидејќи целото село ќе биде уништено, ќе има големи последици, селото ќе биде поделено надве, влезот на селото ќе биде уништен, квалитетот на животот во селото ќе биде нарушен, ќе се затвори главниот пат кој води до Централното училиште „Реџ Рушит Зајази“, до Полициска станица, Железничка станица, Поштата, Амбулантата итн“, вели Арсим Зибери.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, вели дека проектот е во фаза која не може да претрпува измени. Како што вели средствата за овој автопат се обезбедени од Европската банка за развој, додавајќи дека биле во контакт со општината и жителите во врска со овој проект.
„За проектот кој е финансиран од Европската банка за обнова и развој, ние бевме во разговори за обезбедување средствата и сега е во фаза кога треба да имаме јавен увид на еколошкиот проект и на проектот во тој дел. Кога започна трасата, имаше дадено мислења од надлежните институции за тоа каде треба да поминува. Бев во контакт со градоначалникот на општината, како и со жителите на селото“, посочи Ејуп Рустеми.
Но, Арсим го вели спротивното. Уверува дека не бил запознаен, а ниту консултиран од никого во врска со ова прашање.
„Ние немаме никаква информација. Побаравме од градоначалникот на селото да ни каже, но ни рекоа дека е идеен проект и не ни дадоа никаква информација“, порача Арсим Зибери.
Мештаните се мобилизираа и почнаа да собираат потписи против изградбата на овој автопат, а до денес успеаја да соберат над 2.000. И кичевскиот муфтија исто така побара да се стопира изградбата на автопатот кој поминува низ селските гробишта.