Мандатот на Арсовска: Од „модерно Скопје“ до град во постојан клинч

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Голема благодарност што ми ја дадовме довербата и што ја поддржавте мојата визија за да живееме во поубаво, модерно, европско Скопје. Скопје да го трансформираме во чист зелен, убав, модерен град, град на среќни луѓе“.

Четири години подоцна. Скопје ниту е модерен, ниту зелен, ниту убав. А граѓаните наместо среќни, денес се исправени пред предизвик како да се спасат од сериозни заразни болести.

„Имавме случај на каснување на дете од глодар“, вели Драган Кочински, епидемиолог.

„Болестите кои што се следат во Институтот за јавно здравје и кои најчесто се јавуваат тоа се црвените заразни заболувања кои може да настанат поради оваа ситуација“, додаде Кочински.

Победата на Данела Арсовска беше предвесник за поголеми промени. Промени во централната власт.

Дајте ми време и бесплатен автобуски превоз ќе има. Вака го започна првиот брифинг со новинари на кој најави дека нема да го продолжи проектот на Петре Шилегов за автобуско метро за кој до тогаш беа потрошени 170 илјади евра.

Новата година за новата градоначалничка значеше и заштеда.

„За новогодишно китење на градот Скопје без фискални импликации на Градот“.

Па така градот до последните денови остана без новогодишна атмосфера. Но со надеж за луна парк.

„Повеќе од деценија скоро две децении на немање на Луна парк за скопјани, сметам дека заслужуваат, новите генерации кои доаѓаат да го имаат она детство онаа младост која сме ја имале ние кога сме биле деца“, изјави Арсовска.

Поминаа и првите 82 дена. Бројот што ја означува адресата на Град Скопје.

„Сите сакаме да живееме во убав модерен град. Во Скопје кое ќе се трансформира од сегашното сивило и ќе добие нов лик“, вели Арсовска.

Скопјани и денеска продолжуваат да сонуваат. Сонуваат и денеска на пример да се вратат повторно во срцето на скопската култура, симболот на истрајноста и сплотеноста на градот. Да се вратат во Универзална, родена од урнатините на катастрофалниот земјотрес.

„Универзална сала ќе има, да“.

Не само што нема, туку и тоа што го имаше изгоре во пожар. Па градоначалничката се скара со архитектите.

„Медениот месец“ со нејзините поддржувачи траеше помалку од една година. Пукнатината стана јаз во есента 2022 година, кога Арсовска јавно го обвини раководството на ВМРО-ДПМНЕ за притисоци поврзани со тендерот за прочистителната станица.

„Како до вчера бев најдобриот градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот, сега не чинам. Кога лажете и мавтате со документи и ви се тресе рачето и ви трепери гласот“, изјави Арсовска.

Ова беше почеток на нејзиното владеење без мнозинство во Советот. Во мандатот променетите директори веќе не се бројат, а го промени и својот изглед.

Славески: Да повелете. Бара збор… Не знам дали е од правен сектор…?!
…. Градоначалничката е.
Славески: Градоначалник се извинувам нова фризура, ве помешав со некој од правен сектор.
Арсовска: Па добро и правен сектор не е лошо…

Советот на Град Скопје не беше нејзина честа дестинација.cc

„Господине Талат Славески.
Господине Хитлер“.

Директна последица од политичката војна беше најголемиот транспортен хаос што Скопје го памети. Поради неисплатени долгови, приватните превозници кон крајот на 2022 година со денови го држеа градот во блокада. Граѓаните останаа без превоз, а ветените 250 нови автобуси никогаш не пристигнаа.

Во последните две години од мандатот, Арсовска отвори директен фронт со повеќе градоначалници, но најжестока беше битката со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Обвинувањата за дивоградби ескалираа во театар без преседан.

„Абе кога му реков доаѓам, Висар Ганиу, абе Вики, кај си бе дечко ти? Кај избега? Зошто не почека да дојдам?“, праша Арсовска.

Конфликтот кулминираше кога Арсовска поднесе кривични пријави, обвинувајќи го Ганиу за фалсификување документи за легализација на цели згради. Таа беше и физички нападната во Чаир при контрола на дивоградби, по што го доби судскиот процес.

Од големите ветувања за модерно Скопје, мандатот на Данела Арсовска се претвори во четиригодишна политичка битка. Конфликтите со Советот, со Владата и со другите градоначалници, целосно ги ставија во сенка проектите. Наместо менаџер, Скопје доби политичар во постојан конфликт, а граѓаните останаа заглавени во институционален клинч, чекајќи ги и основните решенија за градот.

„Утре ќе можеме заедно да се радуваме, на новиот ден, на новото утро и ако можам така да кажам на новата иднина на Градот Скопје“, рече Арсовска.

Нова иднина која секој едвај ја чека.

„Ви благодарам од срце“.