По речиси две декади, напролет според најавите најверојатно конечно ќе се преброиме.
„Сега нема време за толку чекање бидејќи за година дена отприлика ќе бидат локалните избори. Определба на Владата и на ДЗС пописот да се спроведе пред локалните избори.“, вели Маричиќ.
Тој додава дека за ова има цврста определба и коалициски договор. Законот кој беше доставен до Собранието пред изборите, повторно ќе биде ставен во процедура.
Неодамна и порталот „Јуропиан Вестерн Балканс“ пишуваше за пописот во земјава нагласувајќи дека Северна Македонија и Украина се единствените две европски земји кои немаат попис од 2010 година односно во последните десет години.
„Од 2010 година само 21 земја во светот не спровеле попис на населението, од кои две се во Европа – Украина и Северна Македонија. Бројот на смртни случаи во Северна Македонија на национално ниво во 2019 година го надмина бројот на новородените, што е прв таков случај од независноста (и веројатно во историјата) на земјата.“
Државниот завод за статистика никогаш не престана со подготовките за пописот. Се подготвуваме постојано, а во моментов единствениот проблем е носењето на законот за попис, вели директорот на Државниот завод за статистика.
„Политички желби имаше и секогаш ќе има, но прашањето е дали ќе ги исполнуваме или не. Како институција сме решени овој попис да биде исклучиво статистичка операција, а не каква било друга. Имаше желба да има државна пописна комисија како што имаше претходно. Политичко тело да спроведува попис. Нешто што не може да се прифати во старт. Ако тоа беше причина за пропаста на пописот во 2011 како ќе го имплементираме повторно. Барем да учиме од грешките.“, вели Апостол Симоновски.
Пописот на населението, кој требаше да се одржи во април годинава, беше одложен поради предвремените парламентарни избори. И најавите по одложувањето беа дека тој ќе се реализира во април следната година.
Пред одложувањето на пописот, парламентарните партии со месеци не можеа да постигна договор за законот според кој би се извела статистичката операција.
Последниот попис во земјава се реализира во 2002 година, по воениот конфликт. Во 2011 година имаше обид за спроведување попис, ама попишувањето беше прекинато со одлука на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. За овој случај СЈО отвори и предмет, со кој беа опфатени лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
