Со денешното давање на свечената заклетва, Бојан Маричиќ официјално го започна својот мандат како претседател на Државната изборна комисија (ДИК), најавувајќи целосна посветеност на одговорностите што ги носи оваа јавна функција.
Маричиќ истакна дека во претстојниот мандат ДИК ќе продолжи да биде клучен столб на изборниот процес, со фокус на обезбедување законитост, транспарентност и непристрасност при спроведувањето на изборите. Како приоритети ги посочи унапредувањето на капацитетите на стручната служба, зголемувањето на довербата кај граѓаните и зајакнувањето на угледот на институцијата како гарант на демократските вредности и изборните стандарди.
Тој упати благодарност до пратениците за укажаната доверба, како и до политичката партија што ја поддржа неговата кандидатура за претседател на ДИК.
Маричиќ им честиташе и на старо-новите членови на Државната изборна комисија за новиот мандат, изразувајќи уверување дека со заеднички, професионален и посветен пристап ќе дадат значаен придонес во интерес на граѓаните и унапредувањето на демократските принципи и стандарди.
„Работата на Државната изборна комисија нека донесе успех и демократски развој за целото општество“, порача Маричиќ.
