Лавина од реакции на граѓани кои се жалат на значително повисоки сметки за електрична енергија за месеците март и април. Велат дека биле изненадени на високите сметки, поради тоа што во овој период од годината вообичаено плаќаат многу пониски суми од сегашната.
Кристина Апева, граѓански активист, вели дека во овој период вообичано плаќаат сметка од околу 4 илјади денари.
„Она што се случи со последната сметка е дека ми стигна сметка од скоро 13 илјади денари што навистина не е нормално, бидејќи не е ниту јануари ниту декември, ниту се грееме на струја, ниту уклучувам греалки, напротив готвам на плин“, вели Кристина Ампева.
Ампева вели дека високите сметки не им одат во прилог на оние кои ради пандемијата со корона вирусот останале без примања или оние кои примаат минимална социјална помош. Голем број поплаки стигнале и до регулаторната комисија за енергетика.
„Значи потрошувачите што не се задоволни од своите сметки за електрична енергија, може да ја отчитаат состојбата на своите броила и таа да ја испратат до ЕВН. ЕВН се должни да ги корегираат овие сметки и да добијат потрошувачите нови фактури“, истакна Марко Бислимоски.
Од ЕВН смируваат, велат дека се работи за застој во отчитувањето поради препораките за спречување од пандемијата и затоа за сите корисници биле изготвени проценети фактури.
„Многу од броилата некаде околу 200.000 се наоѓаат во домовите на корисниците и во време на пандемија отчитување не е препорачливо. Затоа за сите корисници беа изготвени проценети фактури. За 12 месеци потрошувачката наназад беше земена како просек и затоа некои корисници добија повисоки сметки, а некои пониски. ЕВН никогаш нема да наплати од корисниците повеќе од тоа што корисниците имаат потрошено. По завршување на вонредните мерки, со следно отчитување ќе се израмнат“, додава Атанас Ковачевски.
Ковачевски истакна дека по завршувањето на вонредните мерки, за најпогодените од корона вирусот, социјалните случаи, оние кои останаа без работа и немаат никакви примања ќе има најразлични поволности со кои ќе им се помогне на граѓаните.
