Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ е именуван од УЕФА за член на HatTrick комисијата на Европската фудбалска Асоцијација.
Првиот човек на македонскиот фудбал е вклучен во работата на една од најбитните комисии на УЕФА која вклучува развој на инфраструктурни проекти во рамки на фудбалските асоцијации членки на УЕФА и едукативни програми за фудбалски администратори.
Во важен период за македонскиот фудбал, особено во поглед на нашата фудбалска инфраструктура, Масар Омерагиќ е избран за член на комисијата на Извршниот одбор на УЕФА во Билбао. На првиот состанокот во литванскиот град Каунас, претседателот на Шведската фудбалска Федерација, Карл-Ерик Нилсон кој раководи со HatTrick комисијата на УЕФА му посака добредојде на Масар Омерагиќ во телото на УЕФА, врачувајќи му пригоден подарок.
Учеството на Масар Омерагиќ во комисијата која одлучува за клучни прашања во европскиот фудбал, е големо признание за македонскиот фудбал и нашата федерација.
„Би сакал да им се заблагодарам на претседателот Александар Чеферин и на Извршниот комитет на УЕФА за доверба што ми ја покажаа. Ќе ми биде голема чест и одговорност да го претставувам македонскиот фудбал во комисијата одговорна за инфраструктурни проекти и да влијаам на бројни процеси и активности поврзани со работата на националните асоцијации. УЕФА, под водство на претседателот Чеферин, вложува многу во сите свои членови и се грижи за нив и ќе ми биде задоволство да придонесам за оваа одлична соработка меѓу УЕФА и националните асоцијации преку мојата работа во оваа комисија.“