Маск ќе вложи 30 милијарди долари во „Старлинк“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Милијардерот Илон Маск изјави дека планира да вложи околу 30 милијарди долари за развој на неговиот амбициозен сателитски проект „Старлинк“. Целта е распоредување илјадници сателити во тн. ниска орбита, заради брз интернет во позафрлените и слабо развиени области.

Досега, компанијата распореди повеќе од 1.500 сателити и, до август ќе има интернет-покриеност на кое било место во светот, освен на Северниот и Јужниот Пол, како што рече Маск во видеоврска на Светскиот конгрес за мобилна технологија – конференција за телекомуникациската индустрија, во Барселона.

– Со текот на времето, инвестицијата ќе достигне 20 или 30 милијарди долари, што е генерално многу. „Старлинк“ во мигов работи во десетина земји, кои сè уште се приклучуваат, а има и нешто повеќе од 69.000 активни корисници. На добар пат сме, мислам дека ќе имаме неколку стотици илјади корисници – веројатно над 500.000 корисници, следниве 12 месеци, додаде тој.

„Старлинк“ е во процес на развој преку две партнерства со „големите телекомуникациски компании“ за развој на сателитски интернет-сервис, како што вели Маск, но не давајќи повеќе подробности за тоа.