Руските сили извршија моќен ракетен и беспилотен напад врз енергетската и гасната инфраструктура на Украина, изјави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
„Уште еднаш, енергетската и гасната инфраструктура во различни делови на Украина беа под масивни ракетни и беспилотни летала“, напиша тој на Фејсбук.
Тој додаде дека „спасувачките тимови и енергетските експерти прават се за да ја санираат штетата секаде каде што е можно. Се преземаат сите неопходни мерки за стабилизирање на снабдувањето со електрична енергија и гас“.
Од државната енергетска компанија Нафтогас потврдија дека се оштетени капацитетите за производство на природен гас, но за среќа, како што наведуваат во соопштението, „нема жртви“. Синоќа регионалниот гувернер на Одеса извести дека дронови ја погодиле енергетската инфраструктура во тој пристанишен град и предизвикале пожари. Нападот беше опишан како „масовен напад со дрон“.
Војската на Полска ги ставила своите воздушни сили во состојба на готовност за да го заштити својот воздушен простор за време на руските напади врз западна Украина, соопшти Оперативната команда на полските вооружени сили.
„Поради интензивните активности на руската авијација со долг дострел, која врши напади врз цели во западна Украина, полските и сојузничките авиони почнаа со операции во нашиот воздушен простор“, се вели во соопштението на платформата X.
Оперативната команда соопшти дека „сите расположливи сили и ресурси се активирани. Дежурните борбени ескадрили се ставени во воздух, а системите за противвоздушна одбрана и радарските единици се доведени на највисоко ниво на подготвеност“.
Целта на овие мерки, како што наведуваат полските власти, е „да се обезбеди безбедност во пограничните области“. Инаку, полската армија редовно издава вакви предупредувања кога западните делови на Украина се цел на руски напади.
