Масовна вакцинација во уште шест градови – кон крајот на април пристигнуваат уште 200.000 вакцини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Масовна вакцинација во уште шест градови низ државата, најави Министерот за здравтсво Венко Филипче. Како што рече, денеска има состанок со градоначалниците и директорите на здравствените домови за да се одредат најповолните локации каде по примерот на спортскиот центар Борис Трајковски ќе се одвива имунизацијата.

„Станува збор за градовите Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово и секако со директорите на здравствените домови ќе разговарам за тоа како ќе се прераспредели кадарот. Денеска салата Борис Трајковски продолжува да работи како 4ти пункт за вакцинација во Скопје и сите граѓани кои уште на почетокот беа пријавени, а се на возраст под 75 години, односно 73 и 74 години ќе се вакцинираат тука во Салата во следните денови. Вакцинацијата ќе биде со вакцините кои ни се на располагање“, истакна Венко Филипче.

Филипче најави дека е потврден датумот на пристигнување на кинеските вакцини во количина од 200.000 дози и истите се очекува да ги добиеме на 28ми април со што ќе се забрза динамиката на вакцинацијата и со истите ќе се опфати и поголема група на граѓани.

„Следните вакцини на почеток на следната недела ги очекуваме од страна на компанијата Фајзер, според најавата на 19ти, 10.000 вакцини, на 26ти уште 10.000 и утрово потврдата од кинеската амбасада дека кинеските вакцини треба да ги очекуваме околу 28ми април“, додаде Филипче.

Министерството нема да нарачува дополнителни дози од соседна Србија која ќе ја произведува руската вакцина Спутник В, ниту од било кој друг произведувач, бидејќи како што рече министерот, веќе се обезбедени 2 милиони и 600 илјади дози. Филипче посочи дека за време на викеднот и наредните неколку дена ќе се прави епидемиолошка проценка по што ќе се донесе одлука дали полицискиот час ќе биде продолжен и по 20 април или би биле донесени нови мерки.