Масуд Пезешкијан е новиот претседател на Иран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реформистот Масуд Пезешкијан победи во вториот круг од претседателските избори во Иран и во своето прво обраќање рече дека „ќе ја подаде раката за пријателство на сите“.

Како што јавија утринава државните медиуми, Пезешкијан победи со повеќе од 16 милиони гласови над ултраконзервативецот Саид Џалили, кој доби поддршка од 13 милиони Иранци.

Ќе подадеме рака на пријателство на сите, сите сме жители на оваа земја, треба да ги искористиме сите за напредок на државата“, рече Пезешкијан, заблагодарувајќи им се на своите поддржувачи.

Пезешкијан, кардиохирург, се залага за олабавување на регулативите за хиџабот и за зближување со Западот, иако и тој со децении го поддржуваше врховниот водач на Иран Али Хамнеи.

Новоизбраниот претседател ќе го наследи Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа на северозападот од земјата во мај заедно со министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан и неколку други официјални лица.