Околу 40 минути утрово матичните лекари не можеа да издаваат рецепти за нивните пациенти поради тоа што системот беше надвор од функција. Поради ова Претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилјана Чолакова Дервишова, реагираше, а за ТВ21 вели дека веќе неколку месеци електронскиот портал на ФЗО не работи како што треба. Вели дека е бавен и често е целосно надвор од функција.
За пречките на онлајн системите со кои се соочуваат матичните лекари, ТВ21 испрати прашање до Фонд за здравство од каде кратко ни одговорија:
„Денеска, при проверка, одржувачите на програмата открија дека во текот на синхронизирањето на нашите податоци со податоците од Мој Термин, една датотека не беше целосна. Техничкиот проблем беше веднаш решен и системот беше вратен во функција за 30 минути“, велат од ФЗО.
Потсетуваме дека пред неколку месеци системот на ФЗОМ беше надвор од функција поради сајбер напад, а како последица на тоа не можеа да се исплаќаат боледувањата, породилните отсуства и платите на медицинскиот кадар.