Матурата со просек 3,66 – дел од учениците „знаењето“ го побарале во мобилните телефони

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Матурантите од учебната 2025/2026 година го завршија државниот матурски испит во јунскиот рок со просечна оценка 3,66. Резултатот е речиси идентичен со ланскиот, кога просекот изнесуваше 3,69. За разлика од минатата година, оваа година за првпат матурскиот испит се реализираше според новиот модел со три вида матура: државна, стручна и уметничка.

„Имаме три различни вида матурски испити. Просечната оценка на државната матура е 3,62, на стручната матура е 3,91, а на уметничката матура е 3,59. Овие податоци ќе можат да се споредуваат од следната учебна година, кога повторно ќе се спроведе овој вид испит според новиот модел. Сметам дека резултатите се објективни“, рече Весна Јаневска.

Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска, изјави дека за дел од учениците испитот е поништен и тие повторно ќе полагаат, додека кај други, по проверката на тестовите, било утврдено препишување.

„Знаеме дека учениците имаат по два или три мобилни телефони – оставаат еден, а внесуваат друг. Но, сето тоа лесно се открива подоцна. Затоа сакам сите да знаат дека тоа не може да се користи на таков начин. Подобро е да напишат пет реда со она што навистина го знаат и мислат, за да видиме како размислуваат. Јас сум професорка по македонски јазик и не гледам субјективно. Ако темата е „Младите и општеството“, ме интересира како размислуваат младите“, вели Даниела Михајловска.

Во врска со резултатите биле поднесени 805 приговори, а 133 ученици извршиле увид во своите тестови.

Августовската испитна сесија ќе се одржи на 12 август, кога ќе се полага странски јазик, додека на 14 август ќе се полага мајчин јазик. Интерните испити и одбраната на проектните задачи ќе се реализираат во периодот од 17 до 24 август.

Инаку, на матурскиот испит се пријавиле вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 полагале државна матура, 2.276 стручна матура, а 127 уметничка матура. На испитот не се појавиле 348 ученици.