Пукање што се случи во четврток вечерта во бар во населбата Отакринг во Виена, однесе едно лице живот, а друго е тешко повредено и се бори за живот. Напаѓачот и неговиот соучесник се во бегство, а полицијата започна опсежна потрага, објавува австрискиот „Кронен цајтунг“.
Инцидентот се случил околу 21:45 часот во турски ресторан на Пајергасе. Според првичните информации, му претходела расправија, по што еден маж извадил огнено оружје и испукал неколку куршуми кон други двајца мажи.
Жртвите на нападот се двајца мажи од чеченска националност. Едниот од нив починал на местото на настанот, наводно од прострелна рана во стомакот, додека другиот е однесен во болница со повреди опасни по живот.
Мотивот за конфликтот сè уште не е познат. Познаници на жртвите изјавиле дека сторителот би можел да биде Србин, но истражителите веруваат дека станува збор за австриски државјанин со мигрантско потекло, објавува „Кронен“. Виенската криминалистичка полиција ја презеде истрагата.
Веднаш по пукањето, започната е масовна потера во неколку населби на Виена. Пошироката област околу местото на злосторството беше блокирана од безбедносни причини, а полициската операција траеше до доцна во ноќта.
Овој трагичен настан се случи само еден ден по уште еден насилен инцидент во Отакрингот. Во среда, 54-годишен сопственик на бар беше нападнат и повреден пред неговата продавница од страна на четири млади мажи.
