Мечка утрово нападнала стадо овци во атарот на битолското село Крклино, при што една овца угинала, информираше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Според неговите информации, настанот бил пријавен околу 9:30 часот и се случил под манастирот во близина на каналот на хидросистемот „Стрежево“. Сопственикот на стадото случајот го пријавил во СВР Битола.
Коњановски соопшти дека веднаш стапил во контакт и со сточарот и со полицијата, од каде што бил информиран дека полициска екипа излегла на терен, извршила увид и го документирала настанот.
За случајот биле известени и Центар за управување со кризи, како и инспектор за лов при Државниот инспекторат за шумарство и ловство.
Градоначалникот најави дека ќе биде испратен допис до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Министерството за животна средина и просторно планирање, кои се надлежни за постапување во вакви ситуации.
Тој посочи дека станува збор за мечка, животински вид кој е заштитен со закон, поради што понатамошните мерки ќе зависат од проценките и постапувањето на надлежните институции.
