Меџити изјави дека Чаир се модернизира со нови урбани стандарди, и нагласи дека се реализираат нови улици, улично осветлување, канализации и безбедни тротоари. Тој го спомена и проширувањето на булеварите „Цветан Димов“ и „Митхат Фрашери“.
„Градиме ново училиште за децата со посебни потреби и дневен центар – и ти си важен – за нивната интеграција и грижа. Ќе ги адаптираме јавните простори со рампи, осветлување и универзална сигнализација, за секој граѓанин да се чувствува слободно и достоинствено. Во центарот на оваа образовна визија е кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, историска инвестиција од 40 милиони евра, која ќе го претвори Чаир во центар на високото образование во земјата“, рече Меџити.
Кандидатот на НАИ, Османи, изјави дека во првите 100 дена Чаир ќе стане најчистата општина во Скопје. Тој додаде дека по изборите во Чаир ќе се случи „земјотрес на промени“ и побара поддршка од граѓаните, ветувајќи дека нивниот глас ќе се слушне.
„Во првите 100 дена ќе извршиме целосен преглед на дивоградбите, и ветувам дека повеќе нема да се изгради ниту еден сантиметар незаконски во Чаир, со цел да ги заштитиме граѓаните кои беа дел од манипулации. По 19 октомври, во Чаир ќе се случи „земјотрес“ од промени кои вие секојдневно ги барате – и ова не се ветувања за далечна иднина, туку конкретни обврски кои ќе ги преземам, доколку ми ја дадете вашата доверба.“, рече Османи.
Изборната трка во Чаир се смета за една од најжестоките меѓу двете албански коалиции – ВЛЕН и НАИ – каде што силите ги одмеруваат двајца поранешни сопартијци од ДУИ.