Идниот министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ нема да се бави со Рамковниот договор и правата на Албанците, уверува кандидатот за прв вицепремиер Изет Меџити. Според него, Стоилковиќ ќе се бавел со останатите помали заедници. Меџити вели дека не е задоволен што токму Стоилковиќ, кој е партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ќе стапи на оваа функција, но како што додава, во основата на политиката се компромисите. Меџити одговори и на критиките кои доаѓаат од ДУИ.
„Иван Стоилковиќ не го донесовме, туку го најдовме од ДУИ, бидејќи десет години беше во коалиција со ДУИ и тој ќе води ресор којшто ние имавме можност да го земеме, но оценивме дека во интерес на Албанците се други ресори“, вели Изет Меџити, коалиција ВРЕДИ.
Номинацијата на Стоилковиќ за вицепремиер и министер за односи меѓу заедницата ја искоментира и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер. Во интервју за „360 степени“, прашана што мисли за кандидатурата за министер на овој проруски настроен политичар, амбасадорката одговори дека неговите изјави се шокантни и за осуда. Агелер најави дека САД одблизу ќе ја следат неговата работа.
„Сепак, не гледам шема на делување. Се чини дека тој има долга низа на многу несреќни и навредливи забелешки, изјави и објави. Не ми изгледа дека оваа личност имала позиција на вистински авторитет во процесот на носење на одлуки“, вели Анџела Агелер, амбасадор на САД.
Инаку претходно, Коалицијата ВРЕДИ, поточно партијата Алтернатива, ја повлече одлуката Сафије Садики-Шаини да биде заменик министер во Министерството за односи меѓу заедниците, но не дадоа конкретен одговор дали ваквиот потег се должи на кандидатурата на Стоилковиќ.
Прашан за спорниот предлог за министер, неодамна мандаторот Христијан Мицкоски одговори дека важно е секој министер од неговата Влада да има промакедонски позиции.
