Агенцијата за аудио и аудио-везуелни медиумски услуги контролира 39 телевизии и уште толку радио станици кои емитуваат платено политичко рекламирање.
„Досега нема пристигнато ниту една претставка по било кој основ до Агенцијата, ниту пак се констатирани прекршувања на изборниот законик. Сите радиодифузери се трудат да ги почитуваат обврските согласно изборниот законик и се надеваме дека во следните два дена кога ќе биде период на изборен молк ќе го практикуваат сето ова“, велат од АВМУ.
Прекршувања не се регистрирани ниту во предизборниот период, а агенцијата ќе издаде нов извештај во текот на следната недела.
„Изборната кампања се уште трае, до денеска. Во текот на наредната недела Агенцијата откако ќе ги обработи сите податоци од сите медиуми ќе имаме детален увид за тоа како се известувало во текот на изборната кампања“, додаваат од АВМУ.
Позитивна оцена може да се даде и за предизборната кампања.
„Прво е важно да направиме разлика меѓу црна и негативна кампања. Црната кампања, е онаа кога зборуваме за целосно оцрнување и дискредитирање на политичките противници, која за жал многу често се користи во изминатите децении која што доведува до апатија и незадоволство кај секој граѓанин, таа е долгорочно мнгогу штетна. Негативната кампања е составен дел од секоја кампања или е второто делче од позитивната кампања. Зошто? Затоа што критиката е добра и пожелна, здрава меѓутоа само ако е проследена со предлог и решение“, истакна Бојан Кордалов.
Кордалов додава дека политичките партии мора да најдат начин и да прикажат како тоа ќе го променат, односно кои се постапките и проектите што ги нудат со цел таквата негативна појава за граѓаните да не се случува.
„Мислам дека овие избори конечно видовме повеќе негативна, отколкушто видовме црна кампања. Не дека ја немаше, меѓутоа многу поприсутна беше негативната кампања што е позитивна фаза од комуникацијата на политичките партии“, додаде Бојан Кордалов.
Изборниот молк започнува на полноќ и ќе трае до недела до 19 часот.
