Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска, по самитот на европските лидери во Лондон, истакна дека е клучно да се осигура дека Западот не е поделен поради разликите во мислењата за тоа како најдобро да се реши кризата во Украина.
Таа ги пофали денешните разговори, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски за, како што рече, неговата „рационална анализа“ по тензичната средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
Таа рече дека сè уште нема единствен конкретен план за распоредување мировни трупи во Украина, но дека има поопшти идеи за кои допрва треба дополнително да се разговара, но потврди дека не се планира испраќање на италијански војници во Украина, пренесува Гардијан.
Мелони нагласи дека фокусот е на изнаоѓање пат кон траен мир, повикувајќи ги лидерите да „размислат надвор од рамката“ за потенцијалните трансатлантски решенија кои не мора да имплицираат членство во НАТО за Украина.
Таа, исто така, го изрази својот скептицизам за идејата за европски нуклеарен чадор, предупредувајќи дека тоа би можело да доведе до „откачување“ на САД.
Во Лондон се одржа самит за Украина, кој траеше приближно два часа, на кој присуствуваа претседателот на Украина Володимир Зеленски и повеќе од 10 европски лидери.
