Меморандумот нема да влијае на преговорите? -Холштајн: Бугарија билатерално да ги решава прашањата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Притисокот на Бугарија преку меморандумот до земјите членки на Европската унија да издејствува бугарските толкувања на историјата да бидат дел од условите за почнување преговори се чини не наиде на поддршка од Германија која во моментов е и претседавач со Унијата, но и од другите земји членки. Германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за Радио Слободна Европа порача дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка и тие треба да се решат меѓу двете земји. Холштајн се надева дека земјите членки ќе постигнат договор за преговарачката рамка и дека одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе се одржи во декември.

„Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји членки на почетокот на август. Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатералните проблеми не треба да се ставаат во преговарачка рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската унија во овој регион“, посочи Анке Холштајн.

За бугарскиот меморандум за кој вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи тврдеше дека тој е еден вид коресподенција на Бугарија со другите земји членки и дека ние не сме дел од таа коресподенција, премиерот Зоран Заев рече дека нашава земја била информирана за тој документ. Со Бугарија сме заеднички домаќини на Берлинскиот процес, истакна Заев кој е убеден дека ќе се најде решение. За иницијативата на Милошоски Собранието да усвои декларација со која ќе се спротивставиме на ваквиот меморандум, Заев рече дека тоа не е добро бидејќи не води кон решение.

„Како што реков ова е проблем на шестата историска личност за која што треба да разговараме или да кажам на четвртото историско поглавје кое што е пред нас, а верувам дека идентитетските прашања треба да бидат надвор од било какви разговори заради тоа што и мојот пријател премиерот Борисов и другите политичари интелектуалци се обраќаат кон македонскиот народ зборува дека постои македонски јазик и тука нема никакви дилеми“, посочи Зоран Заев.

Во бугарскиот меморандум се бара Македонија да се откаже од македонското малцинство во Бугарија, дека Македонија е творба на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и е бугарски дијалект.