Мепсо ја обжали одлуката во корист на „Енергоинвест“ – државата изгуби 20 милиони евра од неизградениот интерконектор кон Албанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Раскинатиот договор со босанската компанија Енергоинвест за изградба на 400 киловолтниот далекувод Битола – Елбасан завршува на арбитража. МЕПСО пред два дена ја обжалил одлуката на предарбитражното тело за решавање на спорови кое одлучи дека раскинувањето на договорот за енергетското поврзување со Албанија е неоправдано и дека Енергоинвест има право да бара оштета од 6 милиони евра. Од МЕПСО велат дека пред да ја пуштат жалбата се консултирале со две реномирани адвокатски куќи и се цврсто убедени дека Арбитражниот суд во Париз ќе одлучи во нивна корист.

Ние сме цврсто убедени дека овој процес ќе заврши во интерес на МЕПСО и државата. Побаравме мислење од две реномирани адвокатски куќи кои се изјаснија дека одлуката на Одборот за спорови е еднострана, непрофесионална и неоправдана, велат од АД МЕПСО.

На брифингот со новинарите, беа цитирани и изјави од претходните директори на МЕПСО, кои беа дел од првата емисија на Бизнис 21-Истражување каде завршија 50 милиони евра за нашето енергетско поврзување со Албанија. Истражувањето од ноември 2024 година од терен откри дека е заглавен едниот дел од проектот – далекуводот Битола 2 – Елбасан кој требаше да го изгради компанијата Енергоинвест од Сараево, по што следуваше раскинување на договорот и избор на нов изведувач.

Договорот со Енергоинвест не предвидува промена на цена и значи клуч на рака. Напуштањето на градилиштето или престанокот со градежни работи, јасно изречената намера да не се продолжи со извршување на обврските е основ за раскинување на договорот од страна на МЕПСО, изјавија од АД МЕПСО.

Од МЕПСО тврдат дека поради неизградбата на интерконекторот кон Албанија државата губи по 6 милиони евра годишно и до сега платила 1 милион евра пенали за неповлекување на парите. Или вкупната загуба до сега изнесува околу 19,8 милиони евра. Инаку МЕПСО пред арбитражниот суд ќе настапи со барање за 19 милиони евра оштета. Енергетското поврзување со Албанија сега треба да го реализира Хрватскиот конзорциум „Далекувод“ со кој е потпишан договор од 19,3 милиони евра со рок на изведба од 30 месеци. На Енергоинвест пак за 4 проценти реализација платени им се 4 до 5 милиони евра. Трафостаницата кај Охрид пак која е втор дел од поврзувањето со Албанија треба да биде готова до октомври годинава.