Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја ослабне Европската унија со средствата со кои располага во моментов, но и дека мора да се дозволи дискурс за руските интереси.
Во интервју за „Берлинер цајтунг“, на прашањето дали Путин ќе ги нападне балтичките земји – Германија и Полска, таа рече дека е дел од „руската воена доктрина“ да се ослабат другите земји.
– Нема оправдување за напад на друга земја. Но, дискурсот за интересите на Русија мора да се дозволи – рече таа.
Според неа, за Путин не се релевантни Германија или ЕУ, туку Соединетите Американски Држави, а таквото разбирање потекнува од времето на Студената војна.
– Тие беа и се негова референтна точка – рече Меркел.
Taa додава дека сè уште не е познато дали американскиот претседател Доналд Трамп ќе застане на страната на Путин.
Зборувајќи за средбата меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, Меркел рече дека жали поради тоа.
– Би сакала да не ја гледам оваа средба – рече таа.
Таа, исто така, додаде дека има многу малку илузии за Путин, но дека Путин сепак ја нападна Украина во 2022 година, а „Северен тек 2“ сè уште не е во функција.
– Тогаш е донесена погрешна одлука – рече таа.
Според неа, мора да се размислува за дипломатски иницијативи за да бидат достапни во вистински момент.
