Германија нема да дозволи Русија да победи во украинскиот конфликт на сметка на европската безбедност и вредности, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесува „Гардијан“. Тој нагласи дека Берлин останува цврсто посветен на поддршката на Киев и дека Европа е обединета во одбраната на сопствениот поредок.
„Путин мора да разбере дека нема шанси да ја добие оваа војна на сметка на европскиот ред, слобода и мир“, нагласи Мерц, додавајќи дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина „колку што е можно подолго“.
Според него, Берлин ја поддржува иницијативата за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на украинската одбрана.
Канцеларот потсети дека одржувањето на мирот во Европа е еден од клучните приоритети на неговата влада. Иако Германија инсистира на прекин на војната, Мерц нагласи дека овој процес не може да се базира на услови што личат на „капитулација“. Тој најави дека Германија ќе ја зголеми својата алокација за Украина на 11,5 милијарди евра во 2026 година.
Во исто време, Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извор во Киев, објави дека Украина е подготвена да прифати поголем дел од точките од американскиот план за решавање на конфликтот – освен ограничувањата на големината на вооружените сили, откажувањето од членството во НАТО и територијалните отстапки, што официјалните лица во Киев ги сметаат за „чувствителни“.
