Мерц: Русија не војува само против Украина, туку и против Германија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц синоќа изјави дека Русија не води војна само против Украина, туку и против Германија. Во интервју за германската телевизија, Мерц предупреди на саботажа, ширење дезинформации и хибридна војна, која, како што вели тој, веќе влијае на германското општество.

„Тоа не е само војна против Украина. Тоа е војна и против нас“, рече Мерц, додавајќи:

„Нè следат, има саботажи, се справуваме со лажни информации во голем обем“.

Германскиот канцелар ги издвои руските пропагандни телевизиски канали како „Раша тудеј“ и употребата на вештачка интелигенција за ширење лажни вести.

„Имаме систематска кампања за дезинформации против населението – преку „Раша тудеј“ и други канали. Имаме лажни вести кои се комбинирани со вештачка интелигенција. Сето ова се елементи на она што го нарекуваме хибридна војна“.

Според него, нападите врз инфраструктурата веќе се случуваат, вклучувајќи палежи и напади врз воени објекти.

„Неодамна имавме инциденти во касарна. Речиси сите индиции водат кон вина на Русија“, рече Мерц и додаде: „Затоа мора да се браниме“.

Откако новата влада дојде на власт во Берлин, Германија ја засили својата реторика и мерки против Русија, особено по честите случаи на саботажи и сајбер напади на територијата на ЕУ. Според Ројтерс, германската влада протерала неколку руски дипломати и го затворила конзулатот во Лајпциг во мај оваа година, наведувајќи ја како главна причина „контраразузнавачка закана“.