Метеоролозите: Европа ја чека драматично топло лето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европа, континентот во светот кој најбрзо се загрева, се соочува со уште едно драматично топло лето, предупредуваат метеоролозите. Со претстојните летни месеци, туристите, тур-операторите и локалните жители се подготвуваат за предизвиците на високите температури.

Минатата година, големи делови од северна Европа доживеаја долги периоди на екстремни горештини, при што температурите на места достигнаа над 45 степени Целзиусови. Жештината го погоди туризмот бидејќи на многу места предизвика неподносливи услови за пешачење, како и шумски пожари.

„Нашите компјутерски модели се категорични дека ни претстои уште едно невообичаено топло лето, особено кон крајот на јули и во текот на август“, рече Тод Крафорд, потпретседател за метеорологија во Atmospheric G2.

Температурите се очекува да бидат барем исто толку високи како што беа во летото 2022 година – најтопли во Европа досега. Најпогодени од топлотниот бран ќе бидат Грција, Хрватска и Италија.

Од 1991 година, Европа се загреа двојно побрзо од сите други континенти. 23 од 30-те најсилни топлотни бранови во Европа од 1950 година досега се документирани од 2000 година. Пет од овие топлотни бранови се од последните три години.

И покрај често неподносливите температури во Европа, желбата за туризам на Стариот континент не се намалува, туку се зголемува. Според статистичките податоци на еден од најпознатите тур-оператори во светот, најпопуларни градови се Рим, Париз и Атина.

Градовите се прилагодуваат

Како што се приближуваат најтоплите летни месеци, популарните дестинации на Стариот континент се принудени да се прилагодат за да прифатат нови тактики за да го направат животот поприфатлив за локалното население и туристите.

Во 2021 година, Атина стана првата земја во Европа што назначи директор за топлинска енергија за да го надгледува спроведувањето на новите мерки. Еден од нив вклучува категоризација на топлотните бранови за да може да се издадат соодветни предупредувања за локалното население и туристите.

„Топлината е тивок убиец. Според моделите, во наредните години само ќе се влошува, па мораме да ги промениме градовите и да ги направиме потребните промени за да се прилагодиме на ова“, коментира Елисавет Баргиани, одговорна за горештините во Атина. Меѓу планираните измени се засадување на повеќе дрвја, создавање на повеќе зелени површини во градот и назначување на „кул јавни површини“.

Туроператорите во најпогодените делови на Европа, како што се Рим, Барселона, Париз и Атина, исто така прибегнуваат кон креативни методи. Веќе се планирани тури за туристите за раните или доцните часови од денот, а превозите мора да имаат клима.

Високите температури неизбежно ги менуваат желбите на туристите за тоа каде да одат во Европа, при што туроператорите известуваат за значително зголемување на интересот за места како Тромсо во Норвешка, на пример.