Миењето на стакла на семафори е честа појава – министерот Салиу: Потребна е системска поддршка за ранливите групи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Миењето на стакла на возила од страна на млади на семафори станува сѐ пораспространет феномен. Како и во другите градови, но главно во Скопје, на најфреквентните крстосници од главниот град, многу млади од ромската заедница се обидуваат да заработат за живот миејќи стакла на автомобилите. За оваа услуга бараат и некој денар. Во разговор зад камера велат дека за еден ден можат да соберат од 1.000 до 1.500 денари секој. Викаат дека го прават тоа за да преживеат, бидејќи не можат да најдат друга работа.

За ова прашање го прашавме министерот без ресор Шабан Салиу, кој изјави дека обезбедувањето постојана работа и интеграцијата на семејствата од ранливите групи, особено од ромската заедница, ќе ги елиминира девијантните појави, како што е случајот на крстосниците каде што деца и возрасни се обидуваат да заработат за живот миејќи стакла на автомобили.

„И мене лично ми пречат тие асоцијални појави, се обидуваме, и слушнав во координативното тело дека се зборува за одредени законски измени за да се избегнат тие асоцијални појави. Отворени сме за соработка со Министерството за социјална политика за да ги елиминираме тие феномени. Има една кинеска поговорка која вели – на сиромавиот не му давај риба, туку дај му стап да ја фати сам храната“, изјави Шабан Салиу, министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите.

Според него, најголемите успеси биле постигнати во интеграцијата во образованието, а се работело и на пристапот до здравствени услуги и специфицирани проекти за обезбедување домување и вработување. Министерот Салиу рече дека оваа учебна година се запишани над 150 Роми во основните и средните училишта.

„Ромите во Македонија се лидери во сите сфери, ова не го кажувам за фалење туку имаме прецизни податоци колку Роми се евидентирани, колку Роми работат и никаде во светот нема министер Ром. Во таа насока нашата држава е лидер“, изјави Шабан Салиу, министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите.

На прес-конференција, министерот Салиу, презентирајќи го извештајот за сработеното во изминатата година, оцени дека патиштата за директна и системска интеграција на Ромите во сите сфери на животот се отворени.