Милевски и Барди: Со победа да ја завршиме годината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Селекторот Благоја Милевски и репрезентативецот Енис Барди попладнево на прес – конференција ги изнесоа очекувањата од утрешниот натпревар на македонскиот состав против Азербејџан на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

– Ние на секој натпревар играме да победиме, нема да биде поразлично и утре. Знам дека Азербејџан добро не скаутирал, но се надевам дека нашиот квалитет ќе излезе на површина и ќе стигнеме до победа. Ние имаме квалитет, слабостите ги анализиравме од мечот со Финска, мислам дека се тоа моменти на деконцентрација и ќе направиме се да ги поправиме грешките, кои не смееме да ги имаме на официјалните мечеви следната година со оглед на квалитетот на противниците“, изјави селекторот Милевски.

Победничките амбиции пред утрешниот дуел против Азербејџан си подели и Барди, истакнувајќи триумф ќе ја зголеми довербата во репрезентацијата, која на последните четири натпревари има три порази и реми против Финска во четвртокот во Скопје.

– Фаворити во фудбалот денеска нема, на нас е да одиграме максимално добро, ја анализиравме средбата со Финска, треба да ги поправиме малите грешки што ги имавме, се надевам на позитивен резултат со Азербејџан. Противникот е физички силен, ние ќе ги нападнеме и сакаме да дојдеме до победа за поголема самодоверба и со успех да ја завршиме годината, посочи Барди.