Македонскиот селектор Благоја Милевски задоволен по убедливата победа на Македонија од 0-3 на гостувањето против Летонија во 3. коло од Групата 4 од Ц-Лигата на нациите на УЕФА.
„Може секако да бидам задоволен од резултатот, желбата и пристапот на нашите фудбалери на кои треба да им се честита. Може да кажам дека не сум задоволен од одредени делови во играта, но тие аномалии ќе ги решаваме дополнително а сега секако е најважен резултат“ – истакна Милевски на прес-конференцијата.
Милевски мака мачеше пред и за време на мечот поради големиот број „малери“ со повреди, вируси и пред мечот, но и за време на мечот.
„Да, не затекнаа многу проблеми и пред мечот и дури и непосредно пред стартот со вирусот на Димоски, па и со повредата на Муслиу за време на дуелот. Од лекарите добивме препорака Димоски да одигра максимум 30 минути, претходно не можевме да сметаме и на Серафимов, Зајков, Трајковски, Чурлинов… Но, знаев и верував дека оние кои ќе истрчаат на терен ќе го дадат максимумот, затоа што знам дека кога се дел од националниот тим секогаш знаат за што играат“ – дополни Милевски.
Околу тоа кој е заслужен за оваа победа…
„Секако не сум јас најзаслужен за оваа победа, затоа што најзаслужни се фудбалерите, тие го носат целиот товар на терен, а ние сме тука за нив како еден вид логистика и да им помогнеме да го покажат најдоброто од себе.“, рече Милевски.