По вицепремиерот Димитров, критики внатре во владата доаѓаат и од лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој е на функција министер за локална самоуправа. Милевски во емисијата Клик Плус рече дека иако владата се реформи рала, таа потфрлила во реформите во судството и правдата. Смета дека немаме правна држава, колку и МВР да апси и покренува обвиненија, ако правдата е ваква каква што е.
Иако од новата влада, предложена од лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, си заминаа 8 министри, досегашниот министер за правда, Бојан Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, остануваат во влада, но ќе раководат со други ресори.
-Од Министерството за правда, Бојан Маричиќ ќе стане вицепремиер за европски прашања.
-Ново име, Никола Тупанчевски – Министер за правда
-Од вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски ќе стане министер за земјоделство.
-Ново име, Славица Грковска која ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата.
Од мандатарот Ковачевски ниту од владата не добивме одговор зошто одлучиле да ги задржат Николовски и Маричиќ во влада, иако во овие две области имаше најмногу забелешки.
Во врска со исклучувањето од влада реагираше досегашната министерка за култура, Ирена Стефоска. Таа вели дека не била прашана за конкретните причини зошто треба да си замине од функцијата, како и за тоа што е сработено, додавајќи дека е право на секој мандатар да го формира кабинетот.
Инаку новата влада со која ќе раководи Димитар Ковачевски ќе брои 21 член, СДСМ и коалицијата ќе имаат 12, ДУИ 6, Алтернатива 3 министри. Новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе, министер без ресор, место кое и припадна на Алтернатива. Седницата за избор на новата влада предложена од Димитар Ковачевски е закажана за сабота, во 11 часот.
