Милка ги измами потрошувачите во Германија – ја намали количината на чоколадото, но не и амбалажата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Суд во Германија пресуди дека производителот на чоколадото Милка ги довел во заблуда потрошувачите со тоа што ја намалил количината на чоколадото „Алпенмилх“, додека амбалажата останала речиси непроменета, пишува Би-Би-Си.

Случајот, кој се смета за еден од најзначајните процеси против феноменот познат како „shrinkflation“ (намалување на количината без значителна промена на цената), се водеше пред регионалниот суд во Бремен, по тужба поднесена од организација за заштита на потрошувачите од Хамбург.

Според тужбата, компанијата Монделез Интернешнл ја намалила тежината на класичното чоколадо „Алпенмилх“ од 100 на 90 грама, без видливи промени во пакувањето, со што потрошувачите биле наведени да веруваат дека производот е ист.

Судот оцени дека оваа практика го прекршува законот за конкуренција и претставува измама на купувачите.

Феноменот „shrinkflation“ често го користат производителите за да се справат со зголемените трошоци, така што ја намалуваат количината на производот без значително да ја менуваат цената. Британската организација за заштита на потрошувачите „Which?“ оваа практика ја нарече „подмолна тактика“.

Цените на чоколадото значително пораснаа во последните години поради глобалното поскапување на какаото, како последица на слабите жетви во Западна Африка.

Од друга страна, Монделез Интернешнл соопшти дека потрошувачите во Германија биле информирани за промената преку официјалната веб-страница и социјалните мрежи, тврдејќи дека одлуката била резултат на повисоките трошоци во синџирот на снабдување.

Сепак, реакциите на потрошувачите биле остри. Минатата година, чоколадото „Милка Алпенмилх“ во Германија беше прогласено за „измамничка амбалажа на годината 2025“.