Во Скопје се одржа панел-дискусија на тема „Од визија до геополитички одговор: Проширувањето на ЕУ во новата геополитичка реалност“, организирана од Вилфред Мартенс центарот и Фондацијата Конрад Аденауер, по повод Денот на Европа 2026 година.
На конференцијата со наслов „Седум децении подоцна: Од визијата на Шуман до новите геополитички предизвици на Европа“ поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието Африм Гаши.
Покрај него, во панелот учествуваше и потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, како и амбасадорката на Сојузна Република Германија Петра Дракслер.
Во своето обраќање, Милошоски се осврна на процесот на европската интеграција на земјата и пошироката дебата за проширувањето на Европската Унија. Тој се повика и на претходни политички пораки и ставови поврзани со европската перспектива на државата и последователните блокади во процесот.
Милошоски истакна дека во рамки на ЕУ постојат различни пристапи кон проширувањето – од поддршка на сегашниот модел, до концепти за подлабока интеграција со помал број членки, како и пристапи кои проширувањето го врзуваат со пошироки геополитички околности.
Тој нагласи дека Европската комисија не е единствениот носител на одлуките и дека земјите аспиранти имаат потреба од јасна и предвидлива европска перспектива.
„Нас ни треба искреност од страна на Европа, а не движечка мета во контекст на процесот на проширување“, порача Милошоски.
Во дел од своето излагање, тој посочи и дека темата за проширувањето е сè помалку присутна во политичките дебати во одредени земји членки.
Во однос на билатералните односи со Бугарија, Милошоски се осврна на долг период без размена на високи парламентарни посети меѓу двете земји, нагласувајќи дека постојат разлики меѓу политичката реалност и духот на договорената соработка.
На крајот од дискусијата, тој порача дека земјите од Западен Балкан имаат потреба од конкретни придобивки и практични европски интегративни проекти, посочувајќи иницијативи како СЕПА и „роаминг како дома“ како примери за реална интеграција.
