Дел од бизнис заедницата смета дека за да има поголема минимална, но и просечна плата, мора да се подобри продуктивноста на работниците. Првиот човек на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски смета дека не се точни податоците од истражувањето на Виенскиот институт и на здружението за истражување и анализи ЗМАИ каде беше утврдено дека македонскиот работник е 53 отсто од продуктивноста на европскиот, но со просечна плата која е само 30 – тина отсто од европската.
„Значи не е релевантно тоа. Има многу јасни показатели кои што утврдуваат некои други бројки… Јас го говорам тој праг на граница преку кој не може да се оди. Затоа што не може компаниите да дојдат во ситуацијата да се загрозат нивното опстојување, нивната безбедност, практично на некој начин. Затоа и се случува ситуација дека почнуваат да барат работници надвор од далечните источни земји. Имаме веќе, сметам дека е околу 10.000 луѓе кои што се од далечните земји веќе вработени во нашата држава.“, рече Горан Ѓорѓиевски.
Заменик министерот за економија Марјан Ристески го повтори владиниот став дека поголема минимална плата над законското усогласување, односно да биде 500 евра или повеќе колку што бара Сојузот на синдикати, ќе има само ако се договорат работодавачите и синдикалците на претстојниот Економско социјален совет кон крајот на годинава. Одлуката мора да биде заснована на економски показатели за да не се наруши економската стабилност бидејќи според Ристески, сме кревка економија.
„Да, животниот стандард треба да се зголемува и ние ќе направиме се во иднина со раст на економијата, со раст на продуктивноста и подобрување општо на економската слика во Македонија, приодно да се зголемуваат платите во Македонија, вклучувајќи ја и минималната плата.“, вели Марјан Ристески.
Во моментов, минималната плата изнесува 24.379 денари, а се најави дека од наредниот март таа законски ќе се усогласи и ќе се зголеми за некаде околу 2.000 денари. За да биде 30 илјади, ќе треба договор на Економско – социјалниот совет.
