Министерството за здравство ве информира за усвоените препораки и мерки од Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) во врска со актуелната состојба со отпадот во Скопје:
Препораки до населението:
- Да се одржува лична хигиена (користење на ракавици, маска, миење раце, користење дезинфициенс за раце после фрлање на отпад);
- Совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.)
- Внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот:
- Затварање на капаците на кантите при фрлање на отпадот;
- Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот;
- Да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот;
- Внимание при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот;
- Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот;
- Да не се фрла отпад на нелегални депонии;
- Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита).
МЕРКИ
Непосредни, брзи и акутни
- Итно и неодложно отстранување на одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите со сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси;
- Итна мобилизација за собирање и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност; приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта;
- Итно, вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите;
- Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни;
- Дислокација на контејнерите – подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од детски игралишта, училишта, градински или здравствени институции;
- Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови од градот);
- Задолжително затворање на капаците на контејнерите;
- Итна набавка на потребната опрема особено соодветен број на контејнери (механизација во континуитет);
- Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита) вклучително и задолжителна вакцинација; тренинг за правилно ракување и известување за повреди;
- Интензивен надзор за заразни заболувања: засилено пријавување со епидемиолошко истражување (фокус на дијареи, случаи на лептоспироза, хоспитализирани пациенти со зоонози и слично);
- Едукација на населението за здравствените ризици поврзани со овој проблем и препознавање на симптомите поврзани со истото;
- Јавна комуникација: предупредувања и практични совети до граѓаните (лична и колективна хигиена, како да ја чуваат храната, да избегнуваат стагнирана вода, да избегнуваат физички контакт со отпадот или исцедокот, како да пријавуваат нелегални депонии).
Долгорочни мерки
- Интегриран систем за управување со комунален отпад (редовно отстранување, навремена набавка на потребна опрема, контејнери и механизација);
- Имплементација на систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација;
- Постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, во најмала рака на органски и неоргански отпад и совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.);
- Образовни програми за граѓаните и вклучување на локалните заедници во решавање на проблемот (на пример, механизми наградување за селекција/откуп).
- Контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање на отпадот, чести локални инспекции, програми за често и редовно чистење на јавните простори и улици (прво механичко отстранување на отпадот со метење, потоа миење).
