„Мистериозна“ пратка од пошта-се шири лажна порака во име на „Македонска пошта“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вака изгледаат електронските пораки кои ги добиле голем број граѓани наводно во име на „Пошта на Северна Македонија“, преку кои се бара да се изврши наплата од 10 денари за пратка која не ја ни порачале. Еден од оние кои добиле ваква порака е информатичарот Локман Муслиу. Како познавач на областа, објаснува дека сумата која се бара е смешна, но крајната цел, како што вели, може да биде доста сериозна, како што е крадење пари од кредитната картичка.


-И јас бев таргет на таква е-маил порака. Целата оваа пракса е измама која се врши и многу лесно може да се потврди доколку се провери е-мејлот од кого е испратен. Повеќето наши институции имаат недостиг на безбедност или имаат многу основни веб-страници кои воопшто не се безбедни, вели Муслиу.

Муслиу вели дека вакви напади има уште од самото постоење на електронска пошта. Истакнува дека нападите не се поврзани со сајбер безбедноста, иако на државно ниво таа е катастрофална, бидејќи, како што вели, кадарот во нашите институции не е доволно обучен.


-Без да сакам да навредам никого кој работи во ИТ-секторот во институциите, но мислам дека или не се обучени или имаат недоволна обука во насока на заштита од сајбер напади и слично…, рече Муслиу.

Од друга страна, во соопштението на „Пошта“ пишува дека секој случај кој ќе стигне до нив, веднаш ќе биде пријавен во МВР. Потсетуваат дека секоја достава на пратките се врши исклучително од вработените во „Пошта“.


-Единствено и официјално известување за достава на пратките се врши физички преку поштари, велат од Пошта на С. Македонија.

Освен ова соопштение, од „Македонска пошта“ не одговорија на нашето барање за подетални информации. Од МВР за ТВ21 велат дека до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика не се пријавени случаи за злоупотреба на лични податоци. Идентитетот на сторителите на овој напад засега непознат.


-Секторот на компјутерски криминал го провери линкот напишан во е-маилот и констатираше дека страницата на која упатува линкот не постои, односно е избришана, велат од МВР.

Честопати се случува граѓаните во разни форми: е-маил, Вибер, Ватс-ап или на социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм да добиваат сомнителни пораки со линкови и со ветување дека при секој клик можат да заработат или да добијат некоја друга информација, но тоа се само хакерски напади преку кои се крадат сметки на кој било онлајн-профил, но доколку се дадат банкарски податоци, можат да добијат пристап и до жиро сметката.