Државата може да придонесе за стабилизирање на цените на недвижностите, но не преку ограничување на градбата, туку преку интервенции во даночната политика, смета Слободан Митровски од агенцијата за недвижности „Асторија“, изнесено во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.
Според него, не е реално да се очекува намалување на цените, но е можно тие да стагнираат доколку се направат мали, но прецизни измени во оданочувањето. Просторот за градба, како што посочи, е ограничен и државата тука нема многу маневарски простор, но има во фискалната сфера.
Митровски предлага ослободување од данок на промет при купување прва недвижност за млади брачни парови, како и задржување на постојниот, релативно низок данок на имот. За разлика од тоа, за купување втор или трет стан би се применувале повисоки даночни стапки.
„Не можете да живеете во три стана. Прашањето е – зошто некој купува трет стан? Ако е за изнајмување, тогаш тоа треба да се евидентира и да се оданочи соодветно уште при самата купопродажба“, вели Митровски.
Тој смета дека ваквиот модел би ја намалил шпекулативната побарувачка и би овозможил поголема достапност на станови за граѓаните кои решаваат станбено прашање. Според него, останатите мерки треба да бидат либерални – да се овозможи градба и пазарот да функционира слободно, додека државата да интервенира исклучиво преку даночните механизми.
Во однос на идеите за разговори со банките за ограничување на кредитирањето, Митровски нагласи дека станува збор за приватен сектор и дека директно мешање во таа сфера е тешко изводливо.
„Ако има алатка што може да донесе баланс на цените, тоа е даночната политика. Друго реално не гледам“, заклучи Митровски.
