Премиерот Христијан Мицкоски, упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„Секој народ се изроди низ борба, откажувања, безброј жртви и силна вера и копнеж за својата слобода. Нашиот, иако по бројност мал, веројатно ја има најживописната борба за слобода, која нè учи дека нема невозможни работи и дека борбата за слобода е еден трнлив пат, испишан со крв и страдања, една голема и долга низа на востанија, на човечки приказни за храброст, за мудрост, но и на предавства, завери, меѓусебни и надворешни борби.
Секој народ си има свое Ватерло, но и своја Нормандија. Своја Бостонска чајанка и свој Јорктаун. Свои падови и свои подеми. Но и низ оваа линија на борба, ѕвездата водилка беше организацијата создадена на денешен ден- организацијата која е дел од кодот на нашата слобода, но и на нашата државност, која го одбележа најмаркантниот дел од нашата историја и која ги содржи сите наши соништа за она што сме денес.
На денешен ден се роди организацијата што потоа ги одбележа сите буни и востанија, која чекореше паралелно со Македонија низ нејзиното создавање. И тој сон за слобода, таа мајка на борбата на нашиот народ- ВМРО му припаѓа на секој еден кој ја сака и почитува нашата борба, во чие срце пламти нашата татковина Македонија.
На 23 октомври 1893 година се создаде Внатрешната македонска револуционерна организација- идеја што ја надживеа својата епоха, луѓето, но и сите граници.
Од таа скромна соба, со само неколку раце и многу срца, започна големата приказна за македонската борба. Тие млади револуционери не беа генерали, не беа владетели, туку обични луѓе кои одбраа нешто повисоко од животот- да ѝ дадат иднина на татковината.
Со перо, со збор и со клетва тие ја создадоа организацијата што ќе стане симбол на непокорот, на саможртвата и на вечниот стремеж кон слобода. Од таа искра во Солун се разгоре огнот на Илинден, се зацврсти духот на Крушево, се роди државноста во АСНОМ, се испиша современата историја на македонскиот народ.
И секојпат кога пред нас стоеле темни времиња, кога се чинело дека ќе биде избришана, токму духот на ВМРО го чувал името, верата и достоинството на овој народ. Затоа, 23 Октомври не е само датум- тоа е и завет. Завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина. И додека го чествуваме овој ден, се поклонуваме не само пред храброста на тие први борци, туку и пред идејата која и денес нè повикува- да бидеме достојни наследници на нивната верба и нивниот сон.“, рече Мицкоски.