Денеска, премиерот Христијан Мицкоски ја истакна важноста на мерката за самовработување, која им овозможува на граѓаните да станат самостојни, да ја преземат иднината во свои раце и да започнат сопствен бизнис.
„Како Влада, силно веруваме дека економијата расте тогаш кога граѓаните имаат поддршка да создаваат, да иновираат и да стануваат претприемачи, затоа мерката за самовработување, како дел од Оперативниот план, е една од најатрактивните и најуспешните програми во државата“, рече Мицкоски.
Оваа година мерката забележува рекорден интерес – пристигнале вкупно над 6.000 апликации, а до сега се издадени 2.916 ваучери за изработка на бизнис план, од кои 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години и 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментов, 2.545 лица се во процес на потпишување договори за грант, по што следи дводневна обука која ќе им помогне да започнат бизнис.
„Од вкупно 6.045 апликации, 3.296 се од млади лица под 29 години, што посебно радува“, истакна Мицкоски.
Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра доколку се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО. „Ова не се само бројки – ова се нови бизниси, нови работни места, нови можности за развој и зајакнување на целата економија“, додаде премиерот.
Мерката за самовработување е дел од Оперативниот план за 2025 година со тежина од над 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година и претставува рекорден износ на поддршка. Со овој план ќе бидат опфатени 16.507 лица – најголем опфат досега.
„Поради огромниот интерес, Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложија ревизија на Планот и прераспределија дополнителни 300 милиони денари, со што ниту еден потенцијален претприемач нема да остане без шанса“, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека мерката е дел од стратегиската борба против невработеноста и создава можности во руралните средини, ја активира младината, ги зајакнува жените претприемачи и им овозможува на граѓаните со добра идеја да ја претворат во успешна економска приказна.
„Денес не потпишуваме само договори – денес потпишуваме нова енергија во економијата, нови работни места, нови успешни приказни. Претприемачите се двигатели на економскиот развој, а нашата задача како Влада е да ги отвориме вратите, да ја дадеме поддршката и да создадеме фер, стабилна и мотивирачка економска средина. Честитам на храброста и посакувам успех и уверувам – државата стои зад секој еден чекор којшто го прават претприемачите“, порача Мицкоски.
