Мицкоски: Администрацијата нема повеќе да биде партиски плен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Jавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните. Вие сте темелот на државата, а времето на Македонија е сега, порача премиерот Христијан Мицкоски од првиот циклус на генерички обуки за административни службеници.

„Ние сме генерацијата која мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината кон европската иднина. Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете тие кои ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од било кога. Заедно ќе создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант за европската иднина на татковината“, изјави Мицкоски.

Нашиот пат кон Европската Унија е повеќе од хармонизација на закони – тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните го добиваат за институциите, порача Мицкоски.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев рече дека администрацијата е крвотокот на државата и без неа, државата не би можела да функционира ниту еден ден. Но, џабе ни е и Академијата за јавни службеници, ако нема кој да учи во неа, рече тој.

„Џабе ни се обуки ако младите не сакаат да станат дел од јавната администрација. Ова е големиот предизвик со кој за жал се соочуваме денес. Сѐ повеќе млади луѓе ја гледаат администрацијата како нешто што не нуди перспектива. Не само поради ниските плати, туку затоа што со години во институциите недостасуваше систем на обука, на напредување, на признавање на квалитетот. И тоа е реалноста која не смееме да ја игнорираме“, рече Минчев.

Овој прв циклус на генерички обуки, со 600 учесници од локално и централно ниво, е јасен сигнал дека оваа Влада не се плаши од промени. Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација се клучен дел од тој процес- порачаа говорниците. Покрај обуката во Скопје, во наредните месеци ќе се реализираат и обуки за административците од источниот, полошкиот и пелагонискиот регион.