Дали е на повидок нов скандал со нелегално прислушувањето. Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека лично тој, како и високи функционери, бизнисмени и новинари биле цел на злоупотреба на системот во изминатите неколку години. Биле следени и прислушувани во периодот кога бил претседател на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тоа не само од АНБ туку и од Агенцијата за разузнавање.
„Нашата држава се соочува со нов скандал а тоа е нелегално прислушување и масовно злоупотреба на системот во изминатите неколку години. Ова не е напад само врз мене туку и врз демократијата, врз правото на слобода врз темелите на државата. Сакам да порачам, нема да има селективна правда, ќе има одговорност, ќе има правна разрешница, народот предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши“, вели Мицкоски.
Се огласи и екс директорот на АНБ Виктор Димовски кој реагираше на ваквите сериозни обвинувања и тврди дека Мицкоски воопшто не бил таргет на оперативно технички мерки. Тој повика веднаш да бидат декласифицирани документите за наводни злоупотреби, особено тие на кои се однесуваат на тогашниот лидер на опозицијата.
„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања. Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот “класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои “информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници.“, рече Димовски.

И претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека треба да се декласифицираат информациите, и да има објективно прикажување на фактите и ако е потребно да се поведе истрага.
„Ние во изминатиот период видовме многу најавени скандали бомбастично од одредени портали и од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ кои што немаа никаква разрешница. Да ве потсетам, најава некаква за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење. Нека се декласифицираат информациите па да видиме каква е вистината, за да нема лов на вештерки, лов во матно и мислам дека граѓаните и јавноста го заслужуваат тоа“, изјави Филипче.

Мицкоски уште во октомври 2024 година прво на собраниска седница, а потоа и на брифинг со новинари рече дека додека биле во опозиција, тогашната власт на СДСМ и ДУИ го следела со дронови и него и неговото семејство.
