Мицкоски бара предвремени избори – СДСМ не прифаќа, а против се и од Алијанса за Албанците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Се откажа ли претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од формирање ново парламентарно мнозинство и сега повикува власта да прифати брзи предвремени парламентарни избори.  Тој најпрво рече дека опцијата за ново мнозинство нема да даде резултати, а потоа на прашањето зошто се откажува од негово формирање бидејќи долго време го најавува, рече дека не се откажал.

„Сметам дека првата опција за формирање парламентарно мнозинство нема да даде нова енергија потребна за реформите. Веднаш оставка, веднаш распишување брзи предвремени парламентарни избори и да ја завршиме работата што е можно побргу, консултации со Државната изборна комисија, да видиме колку дена им се потребни да го подготват овој изборен процес . Не се откажавме, ново парламентарно мнозинство е потребно за распишување на нови парламентарни избори“, истакна Христијан Мицкоски.

Од СДСМ со став дека парламентарното мнозинство нема да прифати брзи предвремени избори, туку дека ќе продолжи да ги води започнатите политики. Државата е поважна од разулавеноста на Мицкоски, велат од СДСМ.

„Уште еднаш се потврди дека најавите за ново мнозинство од Христијан Мицкоски се нереални и нечесни кон граѓаните. Денеска тие паднаа во вода. Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот. Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство бидејќи има опасни планови за државата. Ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори“, велат од СДСМ.

За предлогот за предвремени избори се јавија и од Алијанса за Албанците.

„Ние цениме дека не може да има слободни избори со ДУИ на власт. Оваа Влада, во последните циклуси докажа дека нема ниту капацитет ниту подготвеност за слободни, фер и демократски избори. Не можеме да зборуваме за демократија кога целата држава е ставена во служба на владејачките партии, граѓаните се загрозени и уценувани, додека гласовите се купуваат и крадат“, додаде Алијанса за Албанците.

Претседателот на Беса и нов градоначалник на Тетово Биљал Касами во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус рече дека наскоро владиното мнозинство ќе биде зголемено со пратеници од опозицијата. Иако не кажа точно за која партија се работи, сепак неофицијално преговорите се водат со Алтернатива.

„Ние како дел од Владата, сме во разговори и сме подготвени, посебно преку Движење Беса, да и се зголеми бројот. Според сегашниот резултат од локалните избори, сметам дека  повеќе е можно опозициски партии да и се придружат на Владата или поединци, пратеници од опозицијата да станат дел од Владата отколку да се случи спротивното“, додаде Биљал Касами.

-Од албанската или од македонската опозиција?

„Општо! И од Албанци и Македонци“, посочи Касами.

Заев уште во неделата кога ја соопшти својата оставка рече дека сега не е време за спроведување вонредни парламентарни избори, а деновиве и партиите кои се дел од владејачката коалиција се изјаснија дека се против спроведување на предвремени парламентарни избори.